Уште еден ден
25 May, 2007 – 12:23 pmИзминативе денови, во некои медиуми беше проследена веста за блог-конференцијата која ќе се одржи утре (26.05) во просториите на културниот центар Точка, со почеток во 11.00 часот.

Ние пак, привршивме со организацијата, и очекуваме се` да мине во најдобар ред, опуштено и без многу отстапувања од зацртаниот план.
Би сакале да ве известиме дека (најверојатно) во Точка ќе обезбедиме безжичен интернет, па така, кој ќе дојде со лаптоп, ќе може да блогира директно од настанот. Ќе се потрудиме и да средиме за аудио и видео записи, и евентуално би пробале потоа да направиме подкаст. За сите оние кои што ќе понесат дигитални фото-апарати, камери или диктафони, ќе се договориме како да се сподели снимениот материјал.
Што се однесува до пијалак и мезе, организаторот не обезбеди ништо, па така посетителите ќе треба сами да си се погрижат за тоа. Во Точка се продаваат пијачки и грицки, но нема да има проблем и доколку си понесете од дома.
Инаку, би сакал да повторам дека конференцијата ќе се одвива во три сесии (погледнете ја уште еднаш агендата); па така доколку не ви се седи на целиот настан, може да наминете само кога ќе се говори за темата која најмногу ве интересира.
Место би требало да има за сите; бидејќи Точка има уште половина спрат дополнителен простор. Значи, слободно може да поведете и друштво, затоа што конференцијата не е наменета исклучиво за блогери.
Спремаме и неколку ситни изненадувања, но за тоа ќе стане збор за време на самиот настан.
Па, народе, се гледаме утре.





